Просветни инспектори во Србија досега извршиле контроли на 84 основни и средни училишта во Србија чија работа е блокирана, соопшти ресорното министерство додавајќи дека инспекцискиот надзор продолжува и во училиштата каде дел од наставниците го блокираат наставно-образовниот процес.
Во соопштението се наведува дека надзорот го вршат општински, градски, покраински и републички инспектори.
Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ оцени дека блокадите во образованието не се предвидени со закон и дека секој што учествува во нив „мора да биде свесен дека тие повлекуваат последици согласно законот“.
„Најголема штета од блокадата на наставно-образовниот процес трпат учениците, бидејќи со неодржување настава децата не стекнуваат знаења, не се подготвуваат за завршниот испит на крајот од основното образование и матурските испити на завршување на средното образование“, рече Ѓукиќ Дејановиќ, додавајќи дека Министерството побарало од училиштата увид во планот за компензација.
Таа додаде дека „таквиот начин на нарушување на наставно-образовниот процес може да резултира со продолжување на учебната година и да влијае врз организацијата на приемните испити за упис во специјализираните одделенија на средните училишта и уметничките училишта, завршниот испит кој е планиран за 16, 17 и 18 јуни“, како и одржување на матурски испити во средните училишта“.
Видете и ова: Продолжува штрајкот на наставниците во дел од училиштата во СрбијаНекои вработени во училиштата во Србија продолжија со прекинот на работа на 22-ри јануари до можна конечна одлука за генерален штрајк во образованието.
Самостојниот синдикат на наставници соопшти дека нема настава во голем број училишта низ државата или дека часовите се скратени од 45 на 30 минути.
Српското Министерство за образование на 21 јануари соопшти дека наставата се одвива во повеќе од 96 отсто од основните и средните училишта, додека Независниот сојуз наведува дека нема прецизни податоци, но дека најголем број училишта и гимназии во Белград се целосно затворени.
Наставниците кои штрајкуваат бараат повисоки плати и подобри услови за работа во образованието.
Тие не го прифатија претходниот договор меѓу четирите репрезентативни синдикати и српската влада за зголемување на платите и мораториум на штрајковите.
Наставниците кои штрајкуваат им даваат поддршка и на студентите кои два месеца ги блокираат факултетите, барајќи одговорност од властите за смртта на 15 луѓе во уривањето на бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.