Американскиот претседател Доналд Трамп сугерираше дека ќе направи удар врз Русија со дополнителни санкции доколку претседателот Владимир Путин не прифати мировни преговори за ставање крај на војната во Украина. Трамп исто така во телефонски разговор го повика кинескиот лидер Кси Џинпинг да помогне да се стави крај на конфликтот.
„Звучи дека ќе биде така“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа на 21 јануари на прашањето дали Вашингтон ќе воведе нови санкции за Русија доколку Путин не дојде на преговарачка маса.
Трамп не понуди детали за потенцијалните нови мерки кои би се надоврзале на огромната низа санкции кои веќе ја таргетираат Русија за нејзината целосна инвазија врз Украина што ја почна во февруари 2022 година.
Трамп, исто така, ја повтори својата намера да разговара со Путин во блиска иднина, без да даде временска рамка.
„Разговараме со [украинскиот лидер Володимир] Зеленски. Ќе разговараме со претседателот Путин многу наскоро. Ќе го разгледаме тоа“, рече Трамп.
Видете и ова: Русија гледа „мал прозорец на можности“ за преговори со ТрампАмериканскиот претседател на 20 јануари рече дека Зеленски му кажал дека сака мировен договор за ставање крај на војната.
Осврнувајќи се на блискиот сојузник на Путин, кинескиот лидер Кси, Трамп рече дека во разговорот го повикал да помогне да се стави крај на бруталниот конфликт.
Трамп, исто така, рече дека неговиот тим ја разгледува можноста за испраќање дополнително оружје во Украина. За време на неговата претседателска кампања, Трамп енергично зборуваше против нивото на помош што го обезбедуваше администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Сепак, Трамп на моменти велеше дека е отворен за идејата за програма за заеми со која Украина ќе им врати на САД за пратките на оружје со текот на времето.
Во неговите последни забелешки, тој исто така го повтори својот став дека другите сојузници треба да ги зголемат трошоците за одбраната на Украина, повикувајќи ја Европската унија да ги „изедначи“ трошоците за помош за да одговараат на нивото на помош на САД.
Забелешките доаѓаат на вториот ден од новиот мандат на Трамп во Белата куќа.
За време на претседателската кампања, Трамп вети дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Тој ги отфрли тие коментари во последниве недели, но сепак вети дека брзо ќе стави крај на војната.
Многу аналитичари велат дека ќе биде тешко да се стави крај на војната во блиска иднина, бидејќи Путин верува дека победува и нема поттик да ги прекине борбите, иако Русија трпи катастрофални загуби во луѓе и опрема.