Си и Путин разговарале за Трамп, Украина и Тајван

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, на состанок за време на самитот на БРИКС, Казан, 22 октомври 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (21 јануари) разговараа за тоа како да се изградат врски со американскиот претседател Доналд Трамп, изгледите за мировен договор за ставање крај на војната во Украина и силната поддршка на Москва за ставот на Пекинг кон Тајван.

Си и Путин, кои разговараа еден час и 35 минути преку видео-врска еден ден откако Трамп положи заклетва, ветија дополнително продлабочување на стратешкото партнерство на нивните земји, што го загрижува Западот.

Кина и Русија прогласија партнерство „без ограничувања“ во февруари 2022 година, кога Путин го посети Пекинг, неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина. Во последните месеци Путин зборуваше за Кина како „сојузник“.

Рускиот претседател, зборувајќи од неговата резиденција Ново-Огарево надвор од Москва, и Си, зборувајќи од Големата сала на народот во Пекинг, меѓусебно се нарекоа „драг пријател“, а Си го информираше Путин за минатонеделниот разговор со Трамп за ТикТок, трговијата и за Тајван.

Си и Путин „укажаа на нивната подготвеност да градат односи со САД на заемна корисна основа со взаемно почитување, доколку тимот на Трамп навистина покаже интерес за тоа“, изјави за новинарите во Москва, помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.

„Од наша страна беше констатирано и дека сме подготвени за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт“, додаде тој.

Ушаков рече дека Путин сака долгорочен мир во Украина, а не краткорочен прекин на огнот, но дека секој договор мора да ги земе предвид интересите на Русија. Тој додаде дека нема конкретни предлози за разговор со Трамп.

Трамп, пак, рече дека ќе биде строг кон Кина и ќе разговара со Путин за ставање крај на војната во Украина. Во изјавата за новинарите по инаугурацијата, тој рече дека Путин треба да направи договор за ставање крај на војната бидејќи конфликтот ја уништува Русија.

Си претходно повика на разговори за ставање крај на војната во Украина и ги обвини САД дека ја поттикнуваат војната со снабдување со оружје за Киев, кој вели дека е подготвен да бара решение преку преговори, почитувајќи ги своите интереси.

Трамп го опиша Си како „добар играч на покер“ и рече дека „одлично“ се согласува со Путин, но дека за време на неговиот прв мандат го предупредил рускиот лидер дека САД би можеле да ја нападнат Москва ако Москва оди понатаму во Украина.

Видете и ова: Како ќе се одрази второто претседателство на Трамп врз ЕУ ​​и НАТО?

Путин и Си споделуваат сличен светоглед, кој го прикажува Западот како декадентен и во опаѓање, додека Кина се обидува да ја оспори надмоќта на САД во многу области.

„Заеднички сме посветени на градење поправеден мултиполарен светски поредок и работиме во интерес на обезбедување неделива безбедност во евроазискиот простор и светот во целина“, рече Путин.

Ушаков рече дека видеоповикот меѓу Путин и Си бил планиран пред инаугурацијата на Трамп.

САД ја сметаат Кина за свој најголем конкурент, а Русија е најголемата закана од која било земја.

Во однос на Тајван, Ушаков рече дека Русија ја „потврди својата непоколеблива позиција за поддршка на принципот една Кина“.

Кина го смета Тајван, остров со демократска влада, за своја територија и Си во новогодишниот говор рече дека никој не може да го спречи „повторното обединување“ на Кина со Тајван.

Владата на Тајван ги отфрла тврдењата на Пекинг. Таа наведува дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина и дека Пекинг треба да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Извор: Ројтерс