Зеленски, Орбан и Нетанјаху очекуваат Трамп да донесе мир

Trump inauguration

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се придружи на меѓународните честитки за инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој на социјалната мрежа „Х“ порано позната како Твитер напиша дека 20 јануари е ден на промени и ден на надеж за решавање на многу проблеми, вклучително и глобални предизвици.

„Овој век се обликува токму сега, и сите ние мора да работиме заедно за да се осигураме дека тоа е голем и успешен век за демократиите“, напиша тој на X.

„Претседателот Трамп е секогаш одлучен, а мирот преку силната политика што тој ја најави дава можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне долгорочен и праведен мир, што е врвен приоритет,“ смета Зеленски.

Видете и ова: Трамп: Обнова на Америка и револуција на здравиот разум

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му посака добредојде на претседателот Трамп во кратка објава на Фејсбук.

„Очекуваме мир, смиреност и економски просперитет од претседателството на Трамп. Светот ќе се промени и тоа ќе биде добро за Унгарците“.

Орбан, првиот европски лидер кој го поддржа Трамп во 2016 година, не присуствуваше на церемонијата на инаугурација. Еден од неговите помошници изјави дека Орбан, кој двапати го посетил новиот американски претседател во неговата резиденција Мар-а-Лаго во 2024 година, сакал да се сретне со Трамп во Вашингтон „кога ќе може да разговара за односите меѓу две земји“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги упати своите честитки со кратко видео на социјалната платформа X, изразувајќи надеж дека заедно со Трамп „ќе го подигнат американско-израелскиот сојуз на уште поголеми височини“.

„Уверен сум дека ќе го завршиме поразот на оската на теророт на Иран и ќе воведеме нова ера на мир и просперитет за нашиот регион“, додаде Нетанјаху.

Церемонијата на инаугурацијата на Доналд Трамп се одржа во зградата на Капитол. Тој со положувањето на свечената заклетва на 20 јануари стана 47- миот американски претседател.