Честитки од Путин за инаугурацијата на Трамп

Архивска фотографија од заедничката прес конференција на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки, Финска 2018 година.

Рускиот претседател Владимир Путин му ја честита инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој при гостувањето на руската национална телевизија изјави дека е отворен за дијалог со новата американска администрација со цел ставање крај на украинскиот конфликт. Путин очекува договор за „траен мир заснован на почитување на легитимните интереси на сите луѓе“.

Видете и ова: Трамп ќе положи заклетва како 47-ми американски претседател


Русија започна неиспровоцирана, целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година. При овој конфликт загинаа десетици илјади луѓе. Путин бара руска контрола врз делови од украинска територија, надвор од она што неговите сили го окупираа.

Трамп рече дека завршувањето на војната е клучен приоритет на американската надворешна политика. Трамп во последните негови коментари во јавноста истакна дека се надева на решение на овој конфликт во рок од шест месеци, но не откри детален план за тоа.