Американската церемонија на која новоизбраниот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј -Ди Венс ќе положат заклетва на 20 јануари започнува во 18:00 часот по средноевропско време.
Претходно, Трамп и Венс со своите семејства ќе присуствуваат на верска служба во црквата Свети Јован. Трамп потоа ќе и се обрати на јавноста со говор во кој се очекува да ги изнесе своите цели за следните четири години.
Неговиот последен инаугуративен говор траеше 17 минути. Според информациите на американскиот медиум „Волстрит журнал“, Трамп во своето обраќање ќе повика на „револуција на здравиот разум“.
По говорот, Трамп ќе оди во „претседателската соба“ во близина на Сенатот за да потпише неколку клучни документи.
Потоа следи ручек организиран од заеднички конгресен комитет, по што американскиот претседател ќе биде дел од маршот на парадата од Капитол до Белата куќа. Во текот на ноќта, Трамп ќе присуствува на три инаугуративни балови што ќе се одржат низ Вашингтон.
Инаугурацијата на американски претседател низ историјата симболизира мирен трансфер на власта.