Европската комисија внимателно ја следи актуелната внатрешна политичка ситуација во Србија поврзана со масовните протести на студентите и други групи и ги охрабрува сите политички актери за враќање на дијалогот и за воздржување од ескалација на тензиите, изјави денеска (20 јануари) портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
„Изразуваме загриженост поради пријавените инциденти против демонстрантите, за кои очекуваме брза истрага“, рече Мерсие.
Тој нагласи дека слободата на собирање е меѓу основните права на ЕУ, што треба да се штити и почитува согласно принципите на владеење на правото и одржување на јавниот ред.
„Политичките чинители треба да се вклучат конструктивно во меѓупартиски политички дијалог, што ќе овозможи одново фокусирање на вниманието и на енергијата за комплетирање на реформите во сферата на владеењето на правото и во согласност со законодавството на ЕУ, со цел забрзување на пристапниот процес на Србија согласно декларираните определби на српското раководство и интересот на српските граѓани“, истакна Мерсие.
Видете и ова: Протест за поддршка на учениците во блокадата „4000 наставници, 4000 чекори“ во Нови СадВо Белград, на 16 јануари, студентка беше повредена во една од акциите кога во неа удри автомобил за време на протестна блокада на раскрсница. Возачот побегна од местото на настанот, а полицијата и обвинителството соопштија дека е пронајден и му е одредена мерка притвор до 48 часа.
Тој е осомничен за тешко убиство во обид.
Видете и ова: Српските студенти се оградија од екстремистичките и националистичките симболи на протеститеПо инцидентот илјадници студенти и граѓани протестираа во повеќе градови во Србија.
Во акциите „Стоп, Србија“ кои речиси секојдневно се одржуваат низ земјава, студенти и граѓани 15 минути ги блокираат патиштата за да им оддадат почит на петнаесетте загинати во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.
Акциите симболично започнуваат во 11:52 часот, време кога на 1 ноември се урна бетонската настрешница на Железничката станица.