Протести „Стоп, Србија“ во неколку градови за жртвите од несреќата во Нови Сад

Белград - Протест „Стоп, Србија“ одржан на Правниот факултет на 17 јануари 2024 година

Граѓаните на Србија во повеќе градови со 15 минутен молк им оддоа почит на загинатите во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.

Кампањата „Стоп, Србија“ се одржа на повеќе места во Белград.

Пред Правниот факултет, на раскрсницата од улицата Ресавска и Булевар Крал Александар, се случи инцидент кога автомобил се обиде да помине и покрај блокадата.

Полицајците го опколиле возилото кое се обидело да помине, при што дошло до помал судир со друго возило.
Имаше и препукување меѓу насобраните граѓани и некои возачи, но ситуацијата се смири.

Како што јавува репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), на собирот присуствувала и полиција во цивилна облека.

Видете и ова: Тешко повредена 20 годишна студентка на протестна блокада во Белград откако автомобил удри во неа

По молкот, службениците ги повикаа граѓаните да се тргнат од коловозот и да излезат на тротоар, за сообраќајот да се нормализира.

Блокада беше организирана и на улицата Дечанска во Белград.

Таа помина мирно и во тишина, јави репортерот на РСЕ.

Граѓаните се собраа и пред Ректоратот на Универзитетот во Белград, каде 15 минути молчеа стоеја за да им оддадат почит на жртвите. Кампањата се одржува во повеќе градови во Србија.

Во акциите „Стоп, Србија“ кои речиси секојдневно се одржуваат низ земјава, студенти и граѓани 15 минути ги блокираат патиштата за да им оддадат почит на петнаесетте загинати во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.

Акциите симболично започнуваат во 11:52 часот, време кога на 1 ноември се урна бетонската настрешница на Железничката станица.

Видете и ова: Вучиќ повика на референдум дали тој да остане претседател

Во Белград, на 16 јануари, студентка беше повредена во една од акциите кога во неа удри автомобил за време на протестна блокада на раскрсница.

Возачот побегна од местото на настанот, а полицијата и обвинителството соопштија дека е пронајден и му е одредена мерка притвор до 48 часа.

Тој е осомничен за тешко убиство во обид.

По инцидентот илјадници студенти и граѓани протестираа во повеќе градови во Србија.