Американскиот претседател Џо Бајден на 15 јануари изјави дека по повеќемесечна интензивна дипломатија од страна на Соединетите држави, заедно со Египет и Катар, Израел и Хамас - коj САД и ЕУ гo сметаат за терористичка организација - постигнале договор за прекин на огнот и за враќање на заложниците.
„Овој договор ќе ги запре борбите во Газа, ќе ја зголеми многу потребната хуманитарна помош за палестинските цивили и ќе ги обедини заложниците со нивните семејства по повеќе од 15 месеци во заробеништво“, рече Бајден во изјавата.
Бајден додава дека „прецизните контури на овој план“ ги изложил на 31 мај 2024 година, по што планот едногласно бил одобрен од Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН).
Договорот ветува етапно ослободување на десетици заложници кои ги држеше Хамас, ослободување на стотици палестински затвореници во Израел и им овозможува на стотици илјади луѓе кои избегаа од Газа да се вратат во своите домови.
Видете и ова: Постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и ХамасИнформацијата ја објави и катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани. Тој објавувајќи го договорот во катарската престолнина Доха, каде што се водеа неколкунеделните напорни преговори, рече дека договорот ќе стапи на сила во недела.
Изјавите дојдоа, иако Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно на 15 јануари негираше дека Хамас се согласил со предлогот за прекин на огнот со посредство на Катар во Појасот Газа, откако израелски официјален претставник изјави дека палестинската милитантна група го дала своето одобрение.
Израелските медиуми објавија дека откако Хамас дал зелено светло, договорот треба официјално да биде објавен во четврток и да стапи на сила во недела, кога треба да започне ослободувањето на првите заложници.
Сепак, од кабинетот на премиерот изјавија дека Хамас не доставил одговор на предлогот.
Катар, Египет и Соединетите Американски Држави, по една година обиди да посредуваат во преговорите за ставање крај на војната, ги засилија напорите да го олеснат ослободувањето на заложниците држени во Појасот Газа од Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација. .
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторникот го претстави планот за повоено управување со Појасот Газа, најавувајќи дека владата на претседателот во заминување Џо Бајден ќе му ги предаде тие упатства на новоизбраниот претседател Доналд Трамп доколку се постигне прекин на огнот.
Видете и ова: Бен-Гвир се закани со оставка поради можен договор со Хамас за заложницитеБлинкен рече дека Белата куќа сака Газа да биде управувана од реформирана палестинска управа и ги повика меѓународните партнери да помогнат во формирањето на привремена влада на палестинската територија, пренесува Ројтерс.
Планот на американската администрација во заминување предвидува формирање на безбедносни сили составени од членови на партнерските земји и проверен палестински персонал, рече Блинкен.
Министерството за здравство на владата на Хамас во Појасот Газа во средата извести дека најмалку 62 лица се убиени во изминатите 24 часа на палестинската територија, каде Израел и Хамас водат војна повеќе од 15 месеци.
Со ова вкупниот број на загинати од почетокот на војната достигна 46.707, се додава во соопштението.
Од почетокот на војната меѓу палестинскиот Хамас и Израел на 7 октомври 2023 година, ранети се 110.265 луѓе, се вели во соопштението.
Војната започна со упад на милитантите предводени од Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските податоци, тие убија околу 1.200 луѓе и киднапираа уште 250. Околу половина од тие заложници беа ослободени за време на краткиот прекин на огнот во ноември 2023 година.