Синдикатот на УПОЗ ги отфрла обвинувањата за политизација на протестите, истакна претседателот Трпе Деаноски на денешниот протест пред Министерството за култура.
„Секој обид на Владата или политичките партии да докажат дека зад протестите стои политика ќе биде залуден“, порача Деаноски, додавајќи дека протестите се исклучиво во интерес на работниците.
Тој упати апел до опозицијата да не ги користи протестите за политички цели, посочувајќи дека токму таа имала седум години да го реши проблемот, но наместо тоа, донела мерки што го ограничиле колективното договарање и дури поништила колективен договор.
Деаноски потсети дека Синдикатот на УПОЗ е активен во борбата за правата на работниците, организирајќи три штрајка и најмалку 20 протести од 2022 до 2024 година. Тој го истакна протестот од декември 2023 година, на кој повеќе од 5.000 вработени од управата и правосудството бараа достоинствени плати.
Видете и ова: Влада: Се сомневаме дека штрајкот на УПОЗ е политички мотивиранДеаноски рече дека протестите ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот. За во петок од 11 до 12 часот, тој најави протест пред Министерството за финансии.
Портпаролката на Владата, Марија Митева на вчерашната прес-конференција посочи дека не биле исполнети законските услови за протестот што се одржа од страна на Синдикатот на УПОЗ.
Таа додаде дека постојат сомнежи дека истиот е политички мотивиран. Според Митева, Владата е партнер на сите и е отворена за сите предлози и сугестии.
Видете и ова: Штрајк на администрацијата - вработените бараат покачување на платите за 30 отстоВо меѓувреме Владта соопшти дека „доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор за изнаоѓање решенија“.
„Во спротивно, останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација која одработува за нечии партиски интереси и за собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните, соопшти Владата.
Владата потсетува дека е отворена за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог. Како што нагласува, протестите не се најдобриот начин на комуникација, а секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира за да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните.
„Протестите се малициозни и политички мотивирани. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека сме подготвени да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите“, велат од Владата.