Туск - Русија планира терористичка кампања кон летовите во Европа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и полскиот премиер Доналд Туск во Варшава, 15 јануари 2025 година.

Полскиот премиер Доналд Туск денеска ја обвини Русија дека планира голема терористичка кампања насочена кон авиони и летови во Европа и светот.

Туск на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија планира активности кои ги надминуваат границите на Европа.

„Можам да потврдам дека Русија планира терористички активности, не само против Полска, туку и против авиопревозниците ширум светот“, рече Туск без да наведе детали за природата на заканите.

Американскиот Њујорк Тајмс неодамна објави дека американските разузнавачки служби ја предупредиле Белата куќа за рускиот план за шверц на експлозивни направи во товарни авиони кои летаат за САД.

Според овие извештаи, Белата куќа испратила силно предупредување до Кремљ, барајќи прекин на операцијата.

Русија, според извори, се подготвувала за диверзантски операции против САД со поставување експлозивни направи во товарните пратки и нивно испраќање со авион.

Видете и ова: Азербејџан ја обвини Русија за прикривање на причините за авионската несреќа

Ова не е првпат Русија да биде обвинета за саботажа на транспортната инфраструктура.

Неколку европски земји претходно ја обвинија Москва за блокирање на ГПС сигналите и обиди за напад на клучните транспортни системи во рамки на хибридната војна.

Чешкиот министер за транспорт Мартин Купка во април 2024 година изјави дека од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, Русија извршила илјадници обиди за сајбер напади врз европските железнички мрежи.

Неодамнешниот инцидент во Казахстан, каде што се урна азербејџански патнички авион, при што загинаа 38 лица, исто така се поврзува со руска вмешаност.

Случајот ги оживеа сеќавањата на трагедијата на летот МХ17 на Малезија ерлајнс, соборен во 2014 година над источна Украина во област контролирана од проруските сепаратисти, при што загинаа 298 луѓе.

Кремљ ги нарече сите обвинувања неосновани, а портпаролот Дмитриј Песков рече дека тоа се политички мотивирани изјави.

Иако рускиот претседател Владимир Путин се извини без да преземе одговорност за соборувањето на азербејџанскиот авион, Русија никогаш не презеде одговорност за катастрофата МХ17.

Видете и ова: Путин:Руската воздушна одбрана беше активна кога се урна азербејџанскиот авион

За Украина во Европската унија и НАТО

Зеленски и Туск едногласно оценија дека нема подобра гаранција за безбедноста на Украина од членството во НАТО и изразија надеж дека САД ќе продолжат да бидат гарант за стабилноста на Украина, кој и да е нејзиниот претседател.

„Колку побрзо Украина стане членка на Европската унија и НАТО, толку побрзо Европа ќе ја добие важноста што ѝ е толку потребна. Русија не влегува таму каде што владее разбирањето, соработката и почитувањето“, им рече Зеленски на новинарите во Варшава.

Премиерот Туск, чија земја претседава со Европската унија во првата половина од оваа година, вети дека ќе се обиде да го елиминира бирократскиот ќорсокак во преговорите со Украина за време на неговото претседателствување.

„Убеден сум, и тоа е една од моите задачи, дека ова претставува помош и одбрана на целата ЕУ од бруталната агресија на Русија. Независна Украина, суверена, која одлучува за својата судбина, не е само очигледна историска правда, туку тоа е услов за безбедноста на Полска и на цела Европа и околу тоа нема дискусија“, рече Туск.

И Туск и Зеленски изразија надеж дека новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп нема да ја остави Украина на цедило.

„Целиот свет го чека новиот американски претседател. САД се гарант за стабилноста, тие се најмоќни во борбата против руската агресија. Сметаме на активна соработка во духот на мирот благодарение на силата, очекуваме дека ќе останат санкциите против Русија заради нејзината инвазија“, рече Зеленски, додавајќи дека една од гаранциите доколку започнат мировни преговори може да биде воен контингент на стратешките партнери на Украина на нејзина територија.