Фронтекс: Лани најмалку нерегуларни влезови во ЕУ од 2021 година

илустрација

Бројот на нерегуларни влезови во Европската Унија (ЕУ) во 2024 година е најмал од 2021 година, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс.

„Новите прелиминарни податоци од Фронтекс покажуваат значителен пад од 38 отсто на нерегуларните гранични премини на ЕУ во 2024 година, достигнувајќи го најниското ниво од 2021 година, кога миграцијата сè уште беше погодена од пандемијата на Ковид“, соопшти Фронтекс.

Како што додава Фронтекс на својата веб-страница, и покрај постојаните миграциски притисоци, зголемената соработка меѓу ЕУ и партнерите против шверцерските мрежи значително го намалила бројот на премини на европските надворешни граници, со нешто повеќе од 239 000 регистрирани минатата година.

Намалувањето на вкупниот број премини е главно резултат на 78 отсто пад на пристигнувањата на рутата на Западен Балкан по силните напори на регионалните земји да го запрат приливот и падот за 59 отсто на премините преку централната медитеранска рута.

Видете и ова: Криумчарско насилство врз мигрантите кои транзитираат низ Македонија

На сите рути не се забележани исти трендови.

Така на пример на рутата на источниот Медитеран, бројот на премини се зголемил за 14 отсто, со мигранти главно од Сирија, Авганистан и Египет.

На западноафриканската рута, пристигнувањата на Канарските острови се зголемиле за 18 отсто на речиси 47000, што е највисока бројка откако Фронтекс почна да собира податоци во 2009 година. Ова било поттикнато од тргнувањата од Мавританија, иако приливите од другите појдовни точки се намалиле.

Трикратно зголемување на премините е регистрирано на источната гранична рута, главно долж границата со Украина и Белорусија.

Видете и ова: Потрага по надеж: Искуства на бегалците и мигрантите

Бројот на обиди за преминување во Велика Британија преку Ла Манш е малку зголемен, со 67552 евидентирани обиди, што е зголемување од девет проценти во споредба со 2023 година.

Сепак, иако бројките за илегална миграција за 2024 покажуваат напредок, предизвиците остануваат, се наведува меѓудругото во соопштението од Фронтекс.

Морските премини, често организирани од мрежи на организиран криминал, продолжуваат да претставуваат екстремна опасност за мигрантите, при што Меѓународната организација за миграција проценува дека 2300 луѓе ги загубиле животите на море само во 2024 година.