Шекеринска: Путин сакаше помалку, а доби повеќе НАТО

Радмила Шекеринска, заменик генерална секетарка на НАТО

Патот кон членство во НАТО може да потрае подолго од очекуваното, барем така беше во случајот со Северна Македонија, а знаеме со какви предизвици се соочи и Шведска, но таа успеа да ги реши и сега е дома. Ова го изјави заменик генералната секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска, во обраќањето на Годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ на тема „Ковање на иднината: Стратешката визија на НАТО под новото раководство“, што се одржува во шведскиот град Селен.

„Вашето членство во НАТО е добро за стабилноста на Далечниот Север, Балтикот и пошироко“, рече Шекеринска во Шведска.

Таа ја нагласи важноста на членството во НАТО, особено кога е присутна закана од Русија во различни форми.

„Свесни сме и будни сме. Знаеме дека во НАТО нашите народи се побезбедни заедно отколку сами. Кога (рускиот) претседател (Владимир) Путин ја започна својата целосна инвазија на Украина пред речиси три години, тој сакаше помалку НАТО. Сега доби повеќе НАТО. Членството во НАТО е огромна одговорност за секој сојузник, без разлика дали е основач или најнова членка, како Шведска“, рече Шекеринска.

Според неа, за да се справи со сè потурбулентното безбедносно опкружување, Алијансата мора да ги зголемува трошоците за одбраната и одбранбеното производство.

Таа потенцира дека вкупните воени трошоци на Русија ќе достигнат најмалку седум или осум отсто од рускиот БДП и таа заедно со Кина, Иран и Северна Кореја имаат за цел да го дестабилизираат глобалниот поредок, да ги ослабат Европа и Северна Америка и да ги поткопаат нашите слободи.

„Ние сме подготвени да ги браниме нашите граѓани и нашата територија денес, но не можеме да го гарантираме тоа за во иднина, доколку не преземеме акција сега. Генералниот секретар и јас се согласуваме дека сојузниците мора да се префрлат на размислување како во време на војна. Треба да ги зголемиме одбранбеното производство и трошоците за одбраната за да можеме да продолжиме да гарантираме дека нашите луѓе се безбедни“, додаде Шекеринска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Радмила Шекеринска е нов заменик генерален секретар на НАТО

Воената Алијанса во ноември минатата година објави дека поранешната македонска министерка за одбрана Шекеринска ќе биде назначена за заменик - генерална секретарка на НАТО.

Со ова назначување таа стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.

Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како холандски премиер.

Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.