Бајден вели дека Путин е во „лоша позиција“ по санкциите

Претседателот на САД, Џо Бајден.

Претседателот на САД во заминување Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „во лоша позиција“ откако САД и Велика Британија објавија нови координирани санкции против рускиот енергетски сектор поради војната во Украина.

„Навистина е важно да не му се даде никаков одмор“, изјави американскиот претседател за новинарите во петокот вечерта.

Владите на САД и Велика Британија во петокот објавија нови санкции против рускиот енергетски сектор, вклучително и Гаспромњефт, во обид да го прекинат „најголемиот извор на финансирање“ на Кремљ кој ја помага војната во Украина.

Видете и ова: САД ја санкционираа Нафтената индустрија на Србија

Бајден на прес-конференција рече дека санкциите може да доведат до зголемување на цената на бензинот.

„Но, тоа ќе има многу поголемо влијание врз капацитетот на Русија да продолжи да дејствува како што прави во водењето на војната“, рече тој, пренесува Бета.

Неколку дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, на 20 јануари, американското Министерство за финансии објави серија санкции против две големи руски компании во овој сектор, Гаспромњефт и Сургутнефтгас.