Илјадници Словаци протестираат против политиката на Фицо кон Русија и Украина

Протест во Братислава, 10 јануари 2025 г.

Илјадници демонстранти протестираа во петокот во главниот град на Словачка, обвинувајќи го премиерот Роберт Фицо дека ја влече земјата кон Русија откако минатиот месец тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин среде спорот за гасот со Украина.

Словачка е во спор со Украина во врска со одлуката на Киев да го запре транзитот на руски гас низ украинска територија од 1 јануари, со цел да го прекине приходот што Москва го добиваше од протокот.

Словачка се залагаше за продолжување на транзитот на гас, а Фицо се сретна со Путин во Москва на 22 декември, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да го продолжи договорот за проток на гас низ Украина.

Видете и ова: Фицо: Словачка може да ја запре помошта за Украина поради прекинот на испораката на гас

Патувањето на Фицо во Москва беше само трета посета на шеф на влада од земја членка на ЕУ откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

„Словачка е Европа, ние не сме Русија“, порача еден од организаторите на протестот.

Демонстрантите вееја знамиња на Словачка и ЕУ, држеа натписи „Словачка е со Украина“ и извикуваа „Доста е со Русија!“ и „Срамота!“.

Организаторите проценуваат дека 15.000 луѓе се собрале во Братислава, исполнувајќи го централниот плоштад.

Фицо рече дека прекинот на гасот низ Украина ќе ја чини Словачка околу 1,5 милијарди евра поради загубите од такси за транзитните текови понатаму во Европа и поради повисоките цени на гасот.

Тој се закани дека ќе возврати со евентуално прекинување на хуманитарната помош за Киев, прекин на поддршката за украинските бегалци во Словачка или запирање на итното снабдување со електрична енергија за Украина во време кога Русија ја напаѓа електричната мрежа на Украина.

„Загрижена сум што нашата влада не насочува кон Русија и не е на страната на граѓаните“, рече 45-годишната Барбара Фанделова.

Видете и ова: Зеленски го обвини Фицо дека извршува „наредби на Путин“

Фицо ја промени надворешната политика на Словачка, членка на ЕУ и НАТО, откако ја презеде власта во 2023 година, со зајакнување на односите со Русија и одбивање да обезбеди воена помош за Украина.

Во петокот, тој рече дека Путин ветил оти руски Гаспром ќе најде алтернативни начини за испорака на гас во Словачка.

Околу 13,5 милијарди кубни метри гас поминаа низ Украина минатата година, вклучително и околу три милијарди кубни метри наменети за Словачка.

ЕУ соопшти дека нема потреба од продолжување на транзитниот договор преку Украина и дека земјите што примаат руски гас имаат пристап до алтернативни испораки.

Украинското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека проблемот лежи во Русија и неподготвеноста на „одредени политичари“ да ја намалат нивната зависност од Москва.