Русија ја обвини Украина за смртоносен напад врз супермаркетот во Доњецк

Оштетен супермаркет во Доњецк, 10 јануари 2025 г.

Русија ја обвини Украина дека денеска (10 јануари) извршила смртоносен ракетен напад врз супермаркет во источниот украински град Донецк, кој е под контрола на Москва, откако бран руски беспилотни летала нападнаа неколку украински региони, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Руската државна новинска агенција РИА пишува дека руските истражители го испитуваат нападот, тврдејќи дека супермаркетот бил погоден од ракета ХИМАРС што САД и ја доставиле на Украина.

Видеото кое се појави на социјалните мрежи, кое ги верификуваше и РСЕ, се чини дека покажува оти се случила голема експлозија.

Украинските власти не ги коментираа руските обвинувања.

Од друга страна, пак, украинските воздухопловни сили објавија дека Русија ја нападнала Украина со 72 беспилотни летала Шахед и тоа во регионите: Полтава, Суми, Харкив, Черкаси, Чернихив, Киев, Днепропетровск, Запорожје, Хмелницки, Винице и Херсон.

Видете и ова: Зошто Украина започна нова офанзива во Русија и зошто токму сега?

Во Киев беа забележани експлозии и искри кога одбранбените системи пресретнаа неколку дронови на небото. Не се пријавени смртни случаи, иако е забележано оштетување на станбена зграда од паднатите остатоци од дроновите, соопштија воени претставници на Киев.

Додека интензивните напади и борби продолжуваат на првите борбени линии, се чини дека се забрзуваат дипломатските напори за ставање крај на конфликтот.

Украинското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека очекува Киев да одржи разговори на високо ниво со Белата куќа откако за 10 дена новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата.

„Го чекаме состанокот на нашите претседатели бидејќи најважната работа за нас е да работиме заедно со Америка … се подготвуваме за контакти на највисоко ниво веднаш по инаугурацијата“, изјави портпаролот на украинското МНР, Георгиј Тихи.

Кремљ објави дека тие се подготвени за средба со Трамп и дека е постигнат напредок во организирањето на состанок по инаугурацијата на 20 јануари.

„За ова не се потребни никакви услови, потребна е само заемна желба и политичка волја да се води дијалог и да се решат постоечките проблеми преку дијалог“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, еден ден откако Трамп изјави дека е подготвен состанок со рускиот претседател Владимир Путин, иако не даде конкретен датум.

Видете и ова: Русија напредува, Украина се бори, на Киев му се стемнува

„Гледаме дека и господинот Трамп ја изразува својата подготвеност проблемите да се решаваат преку дијалог. Го поздравуваме тоа“, рече Песков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (петок) престојува во Рим каде ќе се сретне со италијанските претставници. Ова доаѓа еден ден по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина во Рамштајн, Германија.

За време на состанокот во Рамштајн беа ветени стотици милиони долари воена помош за Украина, вклучително и 500 милиони долари од Вашингтон како дел од целта на американската администрација во заминување да испрати што е можно поголема поддршка за Украина пред Трамп да се врати на функцијата.

Членовите на контакт групата рекоа дека состанокот во четврток би можел да биде последен, бидејќи судбината на групата останува нејасна во мандатот на Трамп, чии советници дадоа повеќе предлози за ставање крај на војната, кои во иднина практично би значеле предавање големи делови од украинската територија на Русија.