За вкупно 16 лица во предметот „Премин“ поврзан со примање мито на два гранични премини, поднесено е обвинение, информираше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од нив, за 14 лица е поднесен обвинителен акт, а за двајца обвинителен предлог. Станува збор за лица кои работеле на Царинските испостави „Ново Село“ и „Дојран“.
Од лицата опфатени со обвинителниот акт 13 се царински службеници (еден од нив е пензиониран) и еден полицаец. Сите се гонат за продолжено кривично дело примање поткуп, а деветмина се теретат и за злоупотреба на службената положба и овластувања, додека едно лице е обвинето и за трето кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материјали.
Двајцата цариници, пак, против кои е поднесен обвинителен предлог се гонат само за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Видете и ова: Обвинителство: 16 цариници осомничени за примање поткупОбвинителството тврди дека кривичните дела биле сторени во периодот од март 2023 до октомври 2024 година кога беше и отворена истрагата.
„Обвинетите од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат. Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на Република Северна Македонија. Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе“, соопштија од ОЈО ГОКК.
За 13 од обвинетите за примање поткуп обвинителството бара да им се изрече забрана за вршење на професијата. За шестмина, кои веќе се наоѓаат во притвор, се бара и продолжување на мерката.
Исто така, обвинителот предлага да се одземат парите и стоката кои биле запленети при претресите во рамки на акцијата спроведена во октомври и тоа: 51.885 евра, 663.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Случајот „Премин“ го води Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција кое функционира во рамки на ОЈО ГОКК.
Во предметот беа опфатени уште две лица, но за нив постапката е запрена.