Кремљ ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека се обидува да му го остави на новоизбраниот претседател Доналд Трамп најтоксичното можно наследство и дека затоа Бајден би можел да воведе последен круг санкции кон Москва.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков овие коментари ги даде на денешната конференциска врска со новинарите (10 јануари).
Американски официјален претставник вчера рече дека Бајден неделава ќе претстави нови санкции насочени кон руската економија, како мерка за зајакнување на воените напори на Киев против Москва пред Доналд Трамп официјално да ја преземе функцијата на 20 јануари.
Соработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.
„Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат“, рече американскиот функционер.
За тоа кога би се случила средба меѓу рускиот претседател Путин и новиот претседател на САД Трамп, Песков не даде детали.
Видете и ова: Бајден подготвува нови санкции за Русија пред мандатот на ТрампЗапрашан за коментар околу најновиот пакет воена помош од САД за Украина, Песков рече дека Бајден е одлучен во своите последни денови власт да се осигура дека војната ќе продолжи.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.
Русија води војна против соседна Украина од 24 февруари 2022 година. Западот го поддржува Киев во неговата одбрана.
Украинските власти стравуваат дека американската поддршка за Украина може да се намали откако Трамп ќе ја преземе функцијата.