Бразил им ги предаде на казахстанските истражители податоците од „црната кутија“

Бразиската форензичка лабораторија ги испрати резултатите до казахстанските власти од проверката на „црната кутија“ пронајдена во авионот на Азербејџанс ерлајнс од бразилско производство, кој се урна минатиот месец.

Лабораторијата во соопштение на 6 јануари соопшти дека го завршила процесот преземање на податоците од „црната кутија“ во пилотската кабина на авионот Ембраер и го предала материјалот на истражителите.

Казахстанските власти на 29 декември објавија дека снимачите (црната кутија) ги испратиле во Бразил поради обвинувањата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев дека Русија се обидува да ја „прикрие“ причината за трагедијата.

Патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс на 25 декември летал од главниот град на Азербејџан, Баку, за Грозни во руската област Чеченија, кога бил пренасочен и се урна во Казахстан, при што загинале 38 од 67 лица во авионот.

Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека комисијата задолжена за истрагата ги испратила рекордерите на летот до Центарот за истражување и спречување на аеронаутички несреќи во Бразил поради докази дека авионот бил погоден од руска противвоздушна одбранбена ракета пред да се урне во близина на Актау кој се наоѓа во западен Казахстан.

Видете и ова: Азербејџан ја обвини Русија за прикривање на причините за авионската несреќа


Алиев на 29 декември изјави дека во авионот било пукано по грешка додека се приближувал до Грозни. Тој, исто така, рече дека Русија не ја признала вината ниту му се извинила на Азербејџан, но наместо тоа, презентирала „апсурдни теории“ за удар на птица или експлозија на плинска боца во авионот.

Тие теории, рече Алиев, покажаа „дека руската страна сака да го прикрие прашањето“.

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин му се извинил на Алиев, но не ја прифатил вината за авионската несреќа.

Во телефонскиот разговор со Алиев на 28 декември, Путин рече дека руската противвоздушна одбрана одбива наводен напад со украинско беспилотно летало врз Грозни кога авионот се обидувал да слета на тамошниот аеродром, се вели во соопштението на Кремљ.

Истражниот комитет на Русија отвори кривична истрага за можното прекршување на правилата за безбедност на летот, се вели во соопштението.