Српскиот претседател Александар Вучиќ објави на 2 јануари дека имал „отворен, тежок и искрен“ разговор со американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина, Хозе Фернандез.
Во објава на својот официјален Инстаграм профил, Вучиќ напиша дека со Фернандез разговарале за „важни прашања од билатералната соработка меѓу Србија и САД, особено во областа на енергетиката“.
„Санкциите беа посебна тема, а за неколку дена ќе можам да ги откријам сите детали. Сигурно немам премногу добри вести за граѓаните на Србија, но Србија ќе ја зачува стабилноста и енергетската безбедност“, изјави Вучиќ, без да прецизира за кои конкретни санкции имало зборови.
Претходно на 13 декември, Вучиќ изјави дека „за неколку дена“ САД ќе воведат санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руската сопственост во поранешната државна компанија.
Видете и ова: Хил: Нема најави за санкции против Нафтената индустрија на Србија
Десет дена подоцна, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил изјави дека „нема најави“ дека ќе бидат воведени санкции за НИС.
Хил тогаш за јавниот медиумски сервис изјави дека „има загриженост“ за тоа дали нафтената индустрија на Србија во рацете на Русија некако помага во финансирањето на војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Гаспром Нефт и нејзината „чадор“ компанија Газпром.
Европската унија и САД го ставија Гаспром Нефт на црната листа во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Гаспром не е покриен со санкции од Западот.
И покрај обидите за диверзификација на изворите на снабдување од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е доминантно зависна од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од клучните аргументи на официјален Белград да не воведе санкции кон Москва.