Унгарија и Словачка ги блокираа санкциите на ЕУ кон грузиските лидери

Антивладини демонстранти во грузискиот главен град Тбилиси се вратија на улиците на 16 декември 2024 година.

Унгарија и Словачка кои се предводени од популистички, проруски лидери, на 16 декември го блокираа пакетот санкции на Европската унија против највисоките грузиски функционери поради насилното задушување на прозападните протести во последните недели.

Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ, пред самитот во Брисел на 19 декември започнаа план за суспендирање на визната либерализација за лицата со дипломатски пасоши на Грузија.

Очекуваните потези на Унгарија и Словачка спречија спроведување на низа мерки против грузиските функционери кои вклучуваа забрана за издавање визи и замрзнување на нивните средства, за што беше потребна едногласна поддршка од 27-члената Унија.

Сепак, за суспензија на процедурите за визна либерализација за имателите на грузиски дипломатски пасоши, потребно е само мнозинство гласови, што значи 55 отсто од членките кои сочинуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ.

Видете и ова: Грузијците протестираат против екстремно десничарски претседател

Европската комисија започна со планирање на суспензијата и на самитот оваа недела може да биде испратен предлог до членките на ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо ги попречија лидерите на ЕУ кои се обидуваат да ја казнат Грузија за нејзиното насилно задушување на протестите.

Двајцата се против санкциите кон Кремљ поради војната против Украина и изразија поддршка за владата предводена од Грузискиот сон во Тбилиси.

ЕУ досега не ги санкционираше грузиските политичари, но претходно оваа година замрзна повеќе од 100 милиони евра од фондовите на ЕУ кои одеа за Грузија и ги прекина пристапните преговори со Тбилиси.

Претходно во понеделникот, шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, рече дека ЕУ подготвила список на грузиски лидери за санкции по насилното задушување на протестите поради одлуката на владејачката партија Грузиски сон да ги одложи пристапните преговори со ЕУ.

„Предложивме листа на санкции за овие луѓе кои навистина користат сила и насилство против опозицијата“, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Таа потоа додаде дека сите треба да се „согласат со списокот“, но дека тоа не е случај.

„Сите случувања што во моментов ги гледаме во Грузија не одат во насока каде што треба да бидат земјите кандидати“, рече Калас.

Видете и ова: САД воведоа визни ограничувања за грузиските официјални лица

Западните лидери се загрижени поради, како што велат, сè понасилните мерки против демонстрантите и растечките проруските тенденции во владата предводена од Грузискиот сон.

САД овој месец воведоа визни ограничувања за грузиските официјални лица поради „поткопување на демократијата“ за време на протестите.

Американскиот Стејт департмент на 12 декември објави дека „ќе го забрани издавањето визи за одговорните или соучесниците во уривањето на демократијата во Грузија“.

Демонстрантите, исто така, повикаа на нови избори по наводите за местење на гласовите за време на парламентарните избори во октомври, чии резултати опозицијата одби да ги признае, тврдејќи дека Грузискиот сон го наместил гласањето.

Грузискиот сон е партија која е основана од милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, кој е пријател на Русија. За партијата критичарите велат дека станува се поавторитарна, а на власт е од 2012 година.

Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили, која застана на страната на демонстрантите, рече дека изборите биле наместени со помош на Русија.