Вучиќ ќе разговара со САД и Русија за санкциите за нафта

Илустрација

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се уште не го видел официјалниот документ со кој Соединетите Американски Држави (САД) воведуваат санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС), но дека има „некаква официјална потврда“ дека одлуката ќе стапи на сила на 1 јануари поради руската сопственост.

„Имаме некаква официјална потврда, но мораме да го видиме докумнтот. Документите уште не сме ги виделе. Кога ќе го видиме документот, прво разговараме со Американците, па потоа одиме да разговараме со Русите“, вели Вучиќ. изјави за РТС на 14 декември.

Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Газпром Нефт и нејзината чадор компанија Газпром.

Вучиќ додаде дека не е подготвен „во овој момент да разговара за потенцијалните санкции против Москва“.

Претседателот на Србија ден претходно најави дека САД за неколку дена ќе воведат санкции кон НИС поради руската сопственост во поранешното државно претпријатие, а на санкциите ќе им се придружат и Британците.

Видете и ова: Српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш под лупа на Брисел

Можноста за воведување санкции кон НИС не ја потврдија САД и Велика Британија.
Според податоците на Централниот регистар на хартии од вредност, Гаспром нефт и Гаспром имаат 56,15 отсто сопственост во поранешниот државен гигант, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.

„Газпром нефт“ беше на црната листа на Европската унија и САД во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Белград одбива да се приклучи на западните санкции против Москва и продолжува да одржува врски со официјални лица во Кремљ.

Србија е доминантно зависна од Русија во енергетскиот сектор, но презеде мерки за диверзификација на патиштата за снабдување и добавувачите.
Последниот договор за испорака на гас, што го договорија Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин во екот на инвазијата на Украина во мај 2022 година, истекува во март 2025 година.