Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16 на Украина, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во пораката на Телеграм, Зеленски ја пофали Данска и изрази жалење за недостатокот на посветеност од другите сојузници, јави агенцијата АФП.
„Првите авиони што ги даде Данска веќе соборуваат руски ракети, спасувајќи го нашиот народ и нашата инфраструктура. Сега нашата воздушна одбрана е дополнително зајакната. Доколку сите партнери беа толку решени, ќе можеме да го направиме рускиот терор невозможен“, напиша Зеленски.
Зеленски денеска, 7 декември, треба да се сретне со светските лидери на церемонијата по повод повторното отворање на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз по катастрофалниот пожар што ја зафати катедралата во 2019 година.
Домаќин на церемонијата е францускиот претседател Емануел Макрон.
Меѓу присутните ќе бидат и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, како и европски лидери, кои, како што јави агенцијата АП, сакаат да го убедат да ја задржи поддршката за Украина против тригодишната руска инвазија.
Не е наведено дали Трамп ќе се сретне со Зеленски.
Нордиско-балтичките земји и Полска ветија дека ќе ја засилат поддршката за Украина, вклучително и во обезбедување на повеќе муниција за зајакнување на капацитетите за одвраќање и за одбрана од хибридни напади.
Лидерите на Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка, Полска и Шведска, кои се состанаа на 27 ноември, во близина на Стокхолм, во заедничко соопштение наведоа дека се подготвени да ги засилат санкциите против Русија и против поддржувачите на нејзината инвазија во Украина.