Биткоинот надмина 100.000 долари, владата размислува за законска рамка

Илустрација - Криптовалута биткоин

Македонската влада размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки. Според премиерот Христијан Мицкоски, тоа е иднината.

„Сакаме сето тоа легално да го канализираме во рамки на законот, но има премногу работи што треба претходно да се усогласат и тоа и го правиме - ги усогласуваме тие работи за да дојдеме до финалниот производ. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, такво нешто да направиме“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната (5 декември ) прес-конференција за новогодишната кошничка.

Инаку, цената на биткоинот за прв пат денеска надмина 100.000 долари, достигнувајќи рекордно високо ниво.

Видете и ова: Затвор од 5 години за украдени 120 илјади биткоини

Вредноста на најпознатата криптовалута во светот е зголемена поради растечките надежи дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе усвои низа политики кои ги поддржуваат криптовалутите, пишува Ројтерс.

Највисокото ниво на биткоинот беше достигнато неколку часа откако Трамп рече дека ќе го номинира поранешниот комесар на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Пол Аткинс, исто така застапник за криптовалути, да ја води КХВ.

Се смета дека Аткинс е многу повеќе наклонет кон криптовалутите од сегашниот шеф на КХВ, Гери Генслер.

Вредноста на еден биткоин е еден од барометрите на оптимизмот во индустријата за криптовалути, кој сега се проценува на 3,3 трилиони долари, според аналитичката компанија „Coin Market Cap“.