Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека е комплетно завршен процесот на затворање на два института поради, како што посочи, утврдени нерегуларности во нивното работење. Во изјава за медиумите таа сепак, не откри за кои институти станува збор.
„Дозволете да ги затвориме и транспарентно ќе објавиме. Во овој момент, најверојатно, продолжува и за уште три, но треба да заврши и ќе имаме информација“, изјави Јаневска при денешната посета на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип.
Таа додаде дека кај дел од универзитетите, е сосема при крај процесот односно дека постапиле со наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.
Видете и ова: Јаневска: Откриени нерегуларности на универзитетите во Тетово, Струга, Охрид…На новинарско прашање дали инспекции има и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговори дека и таму имало една контрола од која се чека извештајот, нагласувајќи дека сите универзитети, без исклучок, ќе го поминат процесот.
Секаде каде што ќе бидат завршени процесите, истакна Јаневска, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите.
Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, министерката посочи дека се утврдени неправилности на универзитетите во Тетово, Охрид и Струга.