Раскинат е договорот со компанијата што ја снабдуваше Армијата со храна

македонски војници (илустрација)

Договорот со надворешната компанија што ја снабдуваше Армијата со храна е раскинат, потврди денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.

„Еднострано е раскинат договорот кој имаше многу недостатоци. За да не биде политичка одлуката како министер за одбрана направив Комисија заедно со Министерството за одбрана, Генерал-штабот и Армијата која ги прегледа сите записници и констатираше премногу пропусти и заедно со Армијата ни даде препорака да биде раскинат договорот. Договорот е раскинат и течат сите законски прописи, но мене најважно од сè ми е да не се наруши борбената готовност и секој припадник на Армијата да биде безбеден“, рече Мисајловски во одговор на прашање на отчетот за 100 дена Влада.

Видете и ова: Војник на АРМ почина на Криволак

Тој истакна дека преку 60 припадници беа затруени заради небезбедната храна што им се служела во кантините и посочи дека здравствените власти нашле некои бактерии на работните површини што компанијата која вршела кетеринг не ги отстранила при првата опомена. Затоа, посочи тој, овој договор морало да биде раскинат.

„Согласно Колективниот договор на секој припадник во Армијата и Министерството му следи надомест за хранарина. Бидејќи договорот е раскинат на секој припадник ќе му биде исплатен надомест за хранарина. Во делот на Армијата каде мора да има оброци тоа веќе го регулиравме и ќе се готви во Армијата како што беше и пред неколку месеци“, посочи Мисајловски.

Во иднина, како што кажа, може да се спроведат две постапки, односно целосно да се исплаќа хранарина по основ на Колективен договор или да се распише нова постапка за нова кетеринг компанија за што, како што најави министерот, веќе биле обезбедени средствата во буџетот.