Српските власти ќе соработуваат со американските власти доколку има истрага за бизнисот на компанијата на Џаред Кушнер, која ќе инвестира во комплексот на поранешниот Генералштаб во Белград, изјави на 28 септември, шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ.
Тој во интервју за Гласот на Америка, го негираше тврдењето дека додека бил амбасадор во Вашингтон имал сознанија за истрагата спроведена од Сенатската комисија за финансии на американскиот Конгрес за бизнисот на компанијата на син- свекор на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Гласот на Америка пренесува дека демократот Рон Вајден , кој ја води истрагата, изјавил дека претставници од Србија и Албанија се обратиле до компанијата на Кушнер „Афинити“ со деловни предлози за инвестирање.
Ѓуриќ рече дека никој не разговарал за тоа со него.
„Она што можам да го кажам е дека не се мешам во работата на правосудните органи, ниту во српските институции, а камоли во американските, а што можам да кажам и дека Србија и САД имаат потпишано договори и квалитетна соработка на полето на правда“, изјави Ѓуриќ за Гласот на Америка.
Тој додаде дека американската агенција за развој УСАИД инвестирала многу во реформите на судството во Србија во изминатите дваесет години, додавајќи дека „ако и кога има какви било прашања на таа тема, сите српски власти ќе бидат на располагање на Американци“ и дека „Србија секогаш ќе помага во спроведувањето истраги“.
Србија во мај потпиша договор со компанијата на Кушнер „Афинити“ за „ревитализација“ на комплексот на Генералштабот во центарот на Белград, чии делови од комплексот беа уништени во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Според договорот, кој сè уште не е објавен, Србија го изнајмила земјиштето на комплексот на 99 години.
На местото на урнатините од бомбардирањето е планирана изградба на две висококатници со станови и хотели, иако заштитата на културните добра не е отстранета од оваа зграда, изградена помеѓу 1955 и 1965 година, поради што професионалните институции и организации се противат на тоа.