Тошковски: Се работи на што поскоро ставање во функција на камерите за сообраќајни прекршоци

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски денекса изјави дека во МВР се работи на техничко решение, но и на законско за да се добие функционален систем при следењето на сообраќајот со камери.

Тој истакна дека нивната цел е што поскоро да бидат ставени во функција камери со кои ќе се утврдуваат и казнуваат сообраќајните прекршоци, и со тоа да се намалат жртвите во собраќајот и да се зглеми сообраќајната култура.

Тој истакна дека кога бил отпочнат проектот со поставувањето на камерите не било размислувано „како навистина да ќе биде ставен во функција целиот тој систем.“

Видете и ова: „Вози, вози“, па по некоја казна за несовесно возење тротинет

„Колку казни ќе продуцира на дневна основа, дали тие ќе може да се сработат од страна на вработените во рамки на Министерството како ќе се процесираат. Кој ќе води постапка дали треба да се зголеми бројот на вработени во рамки на Министерството коишто би ги работеле прекршоците од аспект на изрекување на прекршоци. Ќе одат во суд, како ќе постапува судот кога моментално еден судија за прекршоци во Скопје работи на повеќе од 2 000 предмети на дневна основа закажува повеќе од 45 судења. Кој ќе ги сработи тие предмети?“, рече Тошковски.

Тој додаде дека поставувањето на камерите треба да покрие и дел од криминалистичката работа на Министерството за внатрешни работи и дека камерите би требало конкретно да утврдат сторен прекршок во три сегменти: погрешно паркирање, преминување на црвено светло и недозволена брзина.

„Еден од клучните проекти ако не сакаме да има по стотина жртви на годишна основа, мораме сообраќајната култура да ја подигнеме не едно скалило, туку три, четири скалила нагоре“, рече Тошковски.