САД воведоа нови санкции кон Иран по наводната испорака на ракети во Русија

Санкциите претходно ги најави американскиот државен секретар Блинкен за време на неговата посета на Лондон.

САД денеска (10 септември) воведоа нови санкции кон Иран како одговор на воената поддршка на Техеран за Русија, вклучително и наводната неодамнешна испорака на балистички ракети за употреба во руската инвазија на Украина.

Санкциите, кои ги објави американското Министерство за финансии, опфаќаат 10 поединци и шест ентитети со седиште во Иран и Русија. Санкционираните, според Министерството за финансии, му овозможуваат на Иран да и испорачува на Русија компоненти на оружје и на системи.

Оружјето за кое САД наведе дека било пренесено вклучува беспилотни летала и балистички ракети со краток дострел (CBRM).

„На крајот на 2023 година, Иран и Русија потпишаа договор за испорака на стотици проектили. Во летото 2024 година, рускиот воен персонал беше обучен од иранскиот персонал за употреба на иранскиот проект 360 CBRM“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Се додава и дека Русија ја примила првата пратка на балистички ракети од Иран претходно овој месец.

Видете и ова: САД и европските сојузници го обвинија Иран дека испорачува балистички ракети на Русија

Соопштението за новите санкции дојде откако САД и клучните европски сојузници го обвинија Иран за опасна ескалација поради неговите малигни активности што ја загрозуваат безбедноста на Европа.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на неговата денешна посета на Обединетото Кралство, со неговиот британски колега Дејвид Лами официјално го обвинија Иран за трансфер на ракети. Блинкен, исто така, ја обвини Москва дека споделува технологија што ја бара Техеран, вклучително и нуклеарната технологија.

Потоа, и германското Министерство за надворешни работи го прозва Иран поради неговата поддршка за руската воена агресија истакнувајќи дека иранските ракети би можеле да го погодат и европското тло.

Оттаму споделија заедничка германска, француска и британска изјава во која се осудува транспортот на ракети и наведоа дека тоа е „ескалација и од Иран и од Русија и е директна закана за европската безбедност“.