Македонскиот маратонец Ивановски повреден ја заврши трката во Париз

Македонскиот маратонец Дарио Ивановски го освои 69. место на маратонот на Олимписките игри во Париз . Тој ја заврши својата трка со време од 2 часа 28 минути и 15 секунди. Со ова тој стана првиот македонски олимпиец кој завршил една маратонска трка.

Ивановски по трката изјави дека имал повреда на коленото и стапалото што ги почувствувал на шестиот километар од трката.

Видете и ова: Релиќ изгуби во четвртфиналето на Олимписките игри во Париз

„Тоа ме оневозможи да го одржам темпото кое го наметнавме на стартот. Од петтиот кон шестиот километар почнав да ја влечам ногата и почнав да се мачам, но тоа е што е. Го дадов максимумот, сега следи перид на опоравување и фокус кон следните цели. Можеби сите, вклучувајќи ме и мене, имавме поголеми очекувања“, изјави тој.

Маратонот го трчаа 81 натпреварувач. Првопласиран е Тамират Тола од Етиопија кој се закити со златниот медал и со нов олимписки рекорд со време 2 часа 6 минути и 26 секунди. Второпласиран со сребро беше Башир Абди од Белгија со време од 2:06:46, додека Бенсон Кипруот од Кенија го освои бронзениот медал со време од 2:07.00.