Над 25 тони вода се исфрлени од хеликоптер за гаснење на пожарот во реонот на природниот резерват Јасен, кој се наоѓа на северозападот на земјата.
Службите и натаму се борат со пожарите низ земјава за кои македонската полиција и Центарот за управување кризи ЦУК велат дека главно се подметнати, а денеска беша уапсени три лица во скопско за подметнување и едно лице во Македонски Брод.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека на пожарот во Јасен дејствувала Хеликоптерската единица за полициски намени на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ со хеликоптерот „Бел 412.“
„Благодарение на одличната соработка помеѓу овие две единици, со координирани дејствија од воздух и од земја, под контрола е ставен фронтот кој имаше опасност да го загрози резерватот Јасен“, велат од МВР.
Пожарот во Јасен, каде гори борова шума, беше меѓу двата активни според податоците од 9 август кои ги објави Центарот за управување со кризи (ЦУК). Седумте други пожари беа под контрола.
Видете и ова: Приведен велешанец признал дека подметнал пожар во село ОрешеОсвен пожарот во Јасен, во Македонски Брод имаше пожар во селата Тажево и Брезница, а во Студеничани во село Батинци кај местото Дрешница, каде гори мешана шума.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов денеска разговараше со унгарските пожарникари, кои учествуваат во гаснењето, за мерките за заштита од пожарот на населбите покрај езерото Козјак.
Северна Македонија во периодов на високи температури и топлотни бранови е зафатена од десетици пожари од кои изгореа илјадници хектари шума.
Полицијата, но и другите институции како МВР, ЦУК и ЈП Национални шуми велат дека голем дел од пожарите се подметнати.
Полицијата соопшти дека на местото викано „Дупки“ во скопското село Патишка Река денеска околу 13 часот биле лишени од слобода три лица, С.А. (59), А.А. (31) и И.А. (25) од Скопје поради основано сомнение дека предизвикале пожар.
Полицијата денеска соопшти и дека поднела кривична пријава до Јавното обвинителство Кичево притив 57-годишно лице (Д.Т) од Прилеп поради сомненија за кривично дело „предизвикување на шумски пожар“, а лицето било лишено од слобода.
Видете и ова: Два „ер трактори“ од Кипар пристигнуваат за гаснење на пожаритеОд МВР велат дека пријавениот во повеќе наврати, од 15 јули наваму, во атарите на селата Слатина и Грешница, општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина, каде горела трева и нискостеблести растенија. Пријавениот го признал делото, велат од полицијата.
Претходниве денови беа уапсени и други лица за подметнување пожари, во рамки на акцијата на МВР „Пожари 2024“.
Од МВР на прашање на Радио Слободна Европа одговорија дека во склоп на акцијата „Пожари 2024“ од 17.07.2024 година, поднесени се вкупно три кривични пријави и едно известување против четири сторители, додека во два случаи во тек е поднесување на пријава за кривичното дело „предизвикување на општа опасност“.
Само во изминатиот месец во земјава беа евидентирани 770 пожари од кои над 150 шумски.
Пожари имаше и во изминативе години. Од 2018 година наваму биле опожарени над 30 илјади хектари шумска површина, во која изгоре шума вредна над 55 милиони евра.
Но, иако според институциите човечкиот фактор е на врвот на листата во предизвикување на пожари, има само една пресуда во изминатава деценија во Северна Mакедонија за предизвикување на шумски пожар, според податоците од Судскиот портал.
Единствената пресуда во 10 година за условна затворска казна Судот во Дебар ја донел за дебарчанец затоа што од небрежност предизвикал шумски пожар. Тој предизвикал пожар на отворено со тоа што подготвувал макарони за ручек на неисправна плинска боца која експлодирала и ја запалила околната сува трева.