Приведен е 50 годишен велешанец поради сомнение дека предизвикал пожар во Село Ореше општина Чашка. Велешката полиција го привела на 7 август под сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик.
„Тој се сомничи дека на 06.08.2024 околу 12.00 часот предизвикал пожар во реонот на с.Папрадиште кон с.Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица тој го признал делото“, се вели во полицискиот билтен.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека за настанот е известен јавен обвинител и поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност" .
Од МВР на прашање на Радио Слободна Европа одговорија дека во склоп на акцијата „Пожари 2024“ од од 17.07.2024 година, поднесени се вкупно три кривични пријави и едно известување против четири сторители, додека во два случаи во тек е поднесување на пријава за кривичното дело „предизвикување на општа опасност“. Кривични пријави во изминатиов месец се поднесени против еден жител на Свети Николе, двајца од Велес, еден жител на село Конче, и еден од Прилеп.
Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година
За кривичното дело предизвикување шумски пожар, МВР поднело кривична пријава против жител на Радовиш кој по пријавен пожар на 30.07.2024 година, на месноста „Депонија“ во близина на с. Али Коч – Радовишко бил приведен и го признал делото.
За ова кривично дело законот предвидува затворска казна од најмалку осум години за оној кој ќе предизвика шумски пожар од големи размери. За оној кој ќе подметне пожар во заштитена шума или национален парк може да се казни со затвор од најмалку десет години. Олеснителни околности предвидел законодавецот кога предизвикувањето пожар е од небрежност, па затворските казни се движат од три до пет години.
Само во изминативе 6 години во земјава биле опожарени над 30 илјади хектари шумска површина, во која изгоре шума вредна над 55 милиони евра. Само во изминатиот месец се евидентирани 770 пожари од кои над 150 се шумски.