Младата македонска таеквондистка Милијана Релиќ со 2:1 ја порази противничката од Велика Британија, Џејд Џонс, во осминафиналето на Олимписките игри во Париз, во категоријата до 57 килограми. Британката е двократна олимписка шампионка, а ова беше олимписко деби за Релиќ.
„Ги анализиравме сите противнички. Со дел од нив сум се борела, со некои сум изгубила тесно, некои сум ги победувала, но не ме обесхрабрува тоа што имаат и европски и светски медали. Ние сме подготвени!“, изјави Релиќ за Радио Слободна Европа пред заминувањето за Париз.
Видете и ова: Релиќ со македонското знаме на отворањето на Олимписките игри и надеж за медалПобедата против Џонс ја однесе во четвртфиналето, закажано за денеска во 15:45, кога ќе се бори со Летитија Аун од Либан.
„На последните 9 турнири од светската ранкинг листа имаше освоено 7 медали, што е извонреден успех. Со тоа може да се пофалат само натпреварувачки од светска класа. Од ноември имавме ангажирано и специјален кондиционен тренер кој ја подигна нејзината форма. Сега има повеќе сила, повеќе цврстина и можам да ви кажам дека Милијана со нејзината кондиција се наоѓа во топ 3 натпреварувачки во светот во нејзината категорија“, вели нејзиниот тренер, Александар Ефтимов.
И Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет ја прогласија Релиќ за најдобра млада спортистка за 2023 година. Таа е една од шестемина македонски спортисти на актуелната Олимпијада.