Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, најави зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти.
„Зголемување на цените на угостителските услуги во Владините објекти, нема повеќе „багатела“ јадење на државна сметка! Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата“, напиша Томовски на својата официјална страница на Фејсбук.
Видете и ова: Цените европски, а платите балкански, освен за функционеритеВо таквите дебати, додава тој, се истакнувале собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите се значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните.
„Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50 отсто. Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар“, додава Томовски.
Тој најави дека во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите, додавајќи оти целта е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар.