Чешкиот премиер: „Мировната мисија“ на Орбан само му помага на Путин

Чешкиот премиер Петр Фиала

Напорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да се претстави како миротворец на високо ниво со средби со светските лидери, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин, е „погрешен“ и „не е во интерес на Европа“, изјави чешкиот премиер Петр Фиала за „Гардијан“.

Унгарскиот премиер во последниве недели предизвика контроверзии поради тоа што ја отпочна, како што ја нарече „мировната мисија“ додека неговата земја претседава со Советот на ЕУ. Меѓународните патувања вклучија состаноци со Путин, кинескиот претседател Кси Џинпинг и републиканскиот кандидат за претседател на САД.

Фиала рече дека напорите на Орбан само му помагаат на Кремљ, кој продолжува да ја напаѓа Украина.

„Она што го прави Виктор Орбан не е во интерес на Европа, не е во интерес на мојата земја, не е во интерес на украинскиот народ“, изјави конзервативниот чешки лидер.

„За жал, тоа му помага на Владимир Путин во оваа ситуација. И тоа е погрешно“, додаде тој.

Неговите изјави дојдоа во време кога Европскиот парламент го осуди патувањето на Орбан во Русија како „флагрантно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика“ и изјави дека Будимпешта треба да се соочи со последиците.

Видете и ова: Европскиот парламент го критикуваше Орбан за средбата со Путин

Фиала, политиколог кој е премиер на Чешка од 2021 година, ја истакна важноста да се учи од историјата и дека обидите да се смират и ласкаат опасните режими не дадоа резултати.

„Многумина веруваа дека ако му дадеме одредена територија на Хитлер или ако разговараме со него, тоа ќе спречи војна. Се случи спротивното“, рече Фиала, наведувајќи го како пример Минхенскиот договор од 1938 година, кој овозможи германска анексија на Судетска земја во она што беше тогашна западна Чехословачка.

„Мирот е можен само ако една агресивна држава, агресивен режим, разбере дека сме толку силни што не е добро да се биде агресивен. Затоа е многу, многу јасно - минатото е учител на сите нас“, рече Фиала.

Чешка и Унгарија порано беа блиски партнери во „Вишеградската четворка“ заедно со Полска и Словачка, но членовите на оваа регионална групација се повеќе се разидуваат во последните години.

За време на владата на Фиaла, Чешката Република води напор во кој се вклучени околу 20 земји за итно да набави муниција за Украина надвор од Европската унија, додека блокот работи на зајакнување на производството.

Чешкиот премиер рече дека првата пратка е испратена во јуни и дека се планира дополнителна помош.

„Сакаме да испратиме 500.000 парчиња муниција до крајот на оваа година, што сега е реално бидејќи имаме се што ни треба, финансии и знаеме каде е муницијата и ја организиравме“, рече Фиала.