Бошњачкиот национален совет (БНС) што е сојуз на неколку невладини организации во Северна Македонија организира комеморативен марш и програма за одбележување на годишнината од геноцидот во Сребреница.
Маршот започна во населбата Чаир, преку старата чаршија па се до плоштадот „Македонија“ од каде беа упатени пораки за осуда на сите кои се потсмеваат за она што се случува на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница.
„Ние во нашата земја Северна Македонија имаме такви кои ја негираат, одрекуваат и со благи зборови кажано се потсмеваат со разни изрази за она што денеска се случува во Сребреница. Имаме денеска човек кој е награден со висока функција, а денешниов собир го нарече „некрофилски дизниленд“. Ова не е добро, ова не треба да се случува во една земја која е коспонзор на резолуцијата на Обединетите Нации. За таквите луѓе треба да се водат процеси, а не да им се дава висока државна функција“, рече Џеват Хот претседател на Бошњачкиот национален совет.
Комеморација на годишнината од геноцидот во Сребреница
Во април 2024 година тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи информираше дека Република Северна Македонија ја коспонзорира Резолуцијата на ОН насловена “Меѓународен ден за рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995“ а во која една од главните точки е воспоставување на ден за одбележување на масакрот од Сребреница, на 11 јули секоја година.
Резолуцијата е на предлог на Босна и Херцеговина коспонзорирана иницијално од САД и Германија.
Во мај, Генералното собрание на Обединетите Нации усвои Резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Во резолуцијата, меѓу другото, се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, што е забрането и со Кривичниот законик на БиХ.
Од денешниот собир беше порачано дека со усвојувањето на резолуцијата од страна на ОН делумно е ублажена болката на сребреничките семејства.
„Нашата држава Северна Македонија се придружи кон поддршката така што стана коспонзор на резолуцијата и тоа треба да се поздрави. Со тоа се стави на правата страна на историјата. Се надеваме дека ова коспонзорство ќе значи и исполнување на обврските дека во Северна Македонија ќе се осуди секое одрекување на геноцидот кој се случи во сребреница како историски настан, рече Џеват Хот.
Денеска (11 јули) е ден на жалост во босанско-херцеговскиот ентитет на Федерацијата БиХ во чест на одбележување на годишнината од геноцидот во Сребреница.
Комеморација за жртвите на геноцидот во Сребреница
Советот на министри на Босна и Херцеговина на владина седница два дена претходно, не постигна договор за одбележување на Ден на жалост на целата територија на земјата.
Во Сребреница и околните области во јули 1995 година, силите на Армијата на Република Српска (ВРС) убиле повеќе од 8300 Бошњаци.
Пред различни судови, повеќе од 50 лица се осудени за геноцид и воени злосторства во Сребреница, на вкупно 700 години затвор. Меѓу нив се поранешниот претседател на РС Радован Караџиќ и командантот на поранешната ВРС Ратко Младиќ, кои беа законски осудени на доживотен затвор во Хаг.