Вонреден конгрес на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими избран за нов претседател

Конгрес на Алтернатива во Куманово.

Партијата Алтернатива од албанскиот блок денеска во Куманово одржа вонреден изборен конгрес, на кој делегатите го избраа Зеќирија Ибрахими - досегашниот генерален секретар, за нов претседател.

Околу 500 делегати беа на Конгресот за нов претседател, откако досегашниот Африм Гаши поднесе оставка од лидерската позиција и беше назначен за претседател на Собранието.

„Секој делегат има право да предложи, потребно е да има поддршка од десет отсто од вкупниот број на делегати и секој е потенцијален кандидат за претседател на партијата, изјави потпретседателот на партијата, Амир Елези пред почнувањето на конгресот.

На конгресот присуствуваат претставници од политички партии кои се дел од владиното мнозинство.

Видете и ова: Мицкоски го објави составот на новата Влада, ќе има четири вицепремиери

Партијата Алијанса за Албанците - Алтернатива се подели на две крила – едното на Арбен Таравари, кој сега е во владината коалиција и другото на Зијадин Села кое е дел од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.

Ваквиот раскол настана во пресрет на парламентарните и претседателските избори закажани за 24 април (прв круг претседателски) и 8 мај 2024 (втор круг претседателски и парламентарни).

Јавноста сведочеше на јавни конфронтирања, паралелни конгреси, партиски одлуки од двата табори.

Таборот на Таравари потоа се приклучи на опозицскиот блок во кој се Беса на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и Демократското движење на Изет Меџити. Тие ја формираа коалиција „Вреди“, која е сега дел од владината коалиција со која се ВМРО-ДОМНЕ, Вреди и ЗНАМ.