Aктивностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата, се наведува во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри.
Целта на ревизијата, појаснуваат во соопштението од ДЗР, бил да се даде одговор на прашањето „Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’
Како што стои во извештајот, согласно добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција, се подвлекува во соопштението од ДЗР, искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост.
„Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите“, стои во извештајот.
Видете и ова: Ќе ги задржи ли државата младите?Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7861 лице. Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица.
Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.
Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија утврден е низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба, според ДЗР, се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на не формирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.