Високи функционери од Киргистан и Пакистан се состанаа откако во насилството во Бишкек врз странски студенти беа повредени најмалку 29 лица, вклучително и неколку странци, што предизвика и дипломатски тензии со Пакистан и Индија.
Киргистанскиот заменик министер за надворешни работи Авазбек Атаханов на 19 мај во главниот град на Киргистан разговараше со Хасан Али Заигам, пакистанскиот амбасадор во Киргистан.
Атаханов рече дека ситуацијата е под контрола и додаде дека киргистанските власти покренале истрага за инцидентот, наводно предизвикан од нејасен спор неколку дена претходно во кој биле вклучени мигранти.
Околу 140 студенти и 40 други Пакистанци полетаа од Бишкек доцна на 18 мај. Студентите беа примени од министерот за внатрешни работи Мохсин Накви на меѓународниот аеродром во Лахоре, изјавија претставници на Управата за цивилно воздухопловство за РСЕ.
Пакистанската амбасада во Бишкек на 19 мај информираше дека се организирани специјални летови за враќање на пакистанските студенти во следните неколку дена.
Еден пакистански студент изјави дека ја поминал ноќта на меѓународниот аеродром во Бишкек чекајќи да полета.
„Нашиот универзитет синоќа организираше превоз... Имаше три комбиња…. Бевме донесени на аеродромот и тука сме сосема безбедни. Нашиот лет е закажан за денес. Тоа е директен лет од Бишкек до Исламабад. Ноќта ја поминавме без никакви проблеми и немаше напад“, изјави Хаснаин Али, студент по медицина на меѓународниот универзитет Ала-Ту во Бишкек.
Видете и ова: Десетици повредени во насилство во БишкекВо меѓувреме, тројца странски државјани повредени во немирите во Бишкек остануваат во стабилна состојба на 19 мај, според портпаролот на Министерството за здравство, Јилдиз Ајгерчинова, која зборуваше за киргистанскиот сервис на РСЕ.
Министерството за здравство на 18 мај соопшти дека 15 од 29-те повредени биле пренесени во Градската итна болница во Бишкек и Националната болница, а на останатите им била укажана помош на лице место.
Киргистанската влада претходно соопшти дека четворица странски државјани родени меѓу 1993 и 2003 година биле уапсени по насилството. Се вели дека тие биле сместени во привремен притвор како дел од кривично дело за хулиганство без да се наведат нивната националност или околностите на нивното апсење.
Оние кои ќе бидат прогласени за виновни ќе бидат казнети, се вели во соопштението на киргистанската влада, отфрлајќи ги, како што се наведува, „инсинуациите насочени кон поттикнување нетолеранција кон странските студенти“.
Киргистанското Министерство за внатрешни работи во соопштение на 18 мај рече дека насилството било предизвикано од појавувањето на видео на социјалните мрежи на кое наводно се гледа група „личности со азиски изглед“ како малтретираат странски студенти ноќта на 13 мај, а потоа ги гонат до нивниот дом, каде што најмалку еден странски студент бил нападнат од неколку мажи и влечен по подот.