Во Универзалната сала изгоре елементот кој што требаше да биде дислоциран. Речиси 70 проценти е демонтиран материјалот кој беше во наша надлежност да го демонтираме, а секоја штета која е направена на терен ќе ја сносат нашите компании, изјави денеска по брифингот со новинарите Лазар Арсоски, сопственик на „Универзал Балкан“ Скопје, фирмата изведувач што ја реконструира Универзална сала.
„Речиси 70 проценти е демонтиран материјалот којшто беше во наша надлежност да го демонтираме и да го исфрлиме шутот. Во глобала во Универзална сала изгореа елементи коишто требаше да бидат дислоцирани од тој објект. Се’ што беше вредно, се што имаше некаква вредност за во музеј и за да може да се искористи уште во 2021 година беше извадено од салата. Во глобала, во салата беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум“, рече Арсоски.
Тој посочи дека двете компании кои ја реконструираат Универзалната сала - Актива Штип и „Универзал Балкан“ ќе ја сносат штетата која е направена на терен. Осигурано е, како што подвлече, се што е во објектот на Универзална сала, а секоја штета ја поправа компанијата.
„Договорот е таков и од него нема бегање. Ќе се види која е направената штетата и нашите компании ќе ја сносат. Секоја штета што ја има на оваа челична конструкција ако биде увидена, ќе биде заменета со нова и се тоа ќе се среди. Се дури е во наше владение проектот ние тоа мораме да го направиме и ќе го направиме. И уште еднаш да објаснам, од овој пожар нема жртви и не е направена преголема штета на самиот проект. Доколку постои штета, ние ќе ја сносиме како последица. Професорите од Градежен факултет ќе кажат што е она што треба да се санира“, изјави Арсоски.
Видете и ова: Град Скопје: Итно да се истражат причините за пожарот, виновниците да одговараатНа денешниот брифинг, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посочи дека Универзалната сала ќе биде реконструирана и вратена на скопјаните. Таа упати апел до градоналачничката на Град Скопје да ја признае важноста на Универзалната сала, посочувајќи дека им требало многу време да ја добијат документацијата за преземање на надлежностите.
На 9 април, избувна пожар во Универзална сала во Скопје, но набргу беше локализиран. Причинета е само материјална штета.