Откажан ангажманот на актерот Милош Биковиќ во серијата „Белиот лотос“ по обвинувањата од Украина

Милош Биковиќ

Продуцентите на наградуваната американска хит серија „Белиот лотос“, во чија трета сезона требаше да игра Милош Биковиќ, го откажаа ангажманот на српскиот актер откако Украина го обвини дека поддржува геноцид и го крши меѓународното право.

Решивме да ја прекинеме соработката со Биковиќ и улогата ќе му биде доделена на друг актер“, изјави портпаролот на телевизиската мрежа HBO (Ејџ-Би-О).

Биковиќ (36) кој во серијата требаше да го толкува ликот на руски јогин, на социјалните мрежи објави дека „нема да се поклони на наративот кој го загрозува неговиот интегритет“ и дека ова е напад на „уметничките слободи“.

Претходно, Министерството за надворешни работи на Србија соопшти дека постојат „неосновани тврдења“ дека Биковиќ поддржува геноцид и го крши меѓународното право.

Видете и ова: Меѓународниот суд на правдата одлучува за надлежноста во случајот за геноцид меѓу Русија и Украина

Претходно, Министерството за надворешни работи на Украина го праша HBO „дали е во ред да се работи со лице кое поддржува геноцид и го крши меѓународното право“ на мрежата X.

Во таа објава беше наведено дека Биковиќ ја поддржува Русија од почетокот на инвазијата на Украина.

Милош Биковиќ започна успешна кариера во Русија во годините пред почетокот на руската агресија против Украина.

Биковиќ го прими медалот Пушкин од рускиот претседател Владимир Путин во ноември 2018 година, на Денот на националното единство.

Оваа награда се доделува за заслуги во областа на културата и зближувањето на културите и нациите.

„Денот на националното единство не е само празник за рускиот народ и за сите народи што ја сочинуваат Руската Федерација. Ова е празник за сите нас кои заедно со вас гледаме во иста насока. Тоа е голема радост за Русите и Србите дека ние, двата народа имаме две татковини и така било со векови“, изјави тогаш Биковиќ во Кремљ.

Српскиот актер доби руско државјанство во февруари 2021 година.

Указот за доделување државјанства, меѓу другото и на Биковиќ, го потпишал Путин, како што пренесуваат медиумите.

Биковиќ тогаш на Инстаграм напиша дека од првиот ден се чувствува прифатен во сите сфери на општеството во Русија.

„И сега и официјално е потпишан од претседателот. За мене е голема чест. Ќе продолжам да работам на зближување на нашите народи преку културата“, напиша Биковиќ.