ОН: Половина милион Авганистанци го напуштија Пакистан

илустрација

Околу половина милион Авганистанци го напуштија Пакистан откако пакистанската влада минатата година соопшти дека масовно ќе депортира нерегистрирани бегалци, соопштија денеска(2 февруари) од ОН.

„Повеќето од засегнатите луѓе се вратиле во Авганистан во октомври и ноември поради малтретирање од страна на властите“, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).

Повеќе од 60 проценти од повратниците се на возраст под 18 години. Податоците на ОН покажуваат дека граничните премини кон Авганистан оттогаш повторно значително се намалиле.

Видете и ова: Потрага по надеж: Искуства на бегалците и мигрантите

На почетокот на октомври пакистанската влада објави дека ќе ги депортира бегалците без дозволи за престој, поставувајќи им краен рок до 1 ноември доброволно да ја напуштат земјата.

Мерката првенствено беше насочена кон Авганистанците кои бегаат од власта на Талибанците во нивната матична земја.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Илјадници Авганистанци во Иран во потрага по егзистенција

Авганистанците се најбројни меѓу нерегуларните мигранти во Пакистан, а владините бројки покажуваат дека таму живееле околу 4,4 милиони авганистански бегалци кога беше објавено соопштението. Околу 1,7 милиони немале валидни документи за престој.

Хуманитарните групи повикаа на поголема поддршка за семејствата кои се враќаат во Авганистан, предупредувајќи дека Авганистанците кои се враќаат дома се соочуваат со тешки услови со оглед на хуманитарната криза во нивната земја.