Француското Национално собрание во вторник (30 јануари) ќе го разгледа предлог-законот кој ќе го запише правото на жената на абортус во францускиот устав, што е првиот клучен чекор во законодавниот процес во кој треба да гласа и Сенатот.
Воведувањето на правото на абортус во уставот го вети претседателот Емануел Макрон по укинувањето на загарантираното право на абортус во Соединетите Држави.
Уставниот амандман мора да помине во двата дома на парламентот, а потоа да биде одобрен или на референдум или со три петтини мнозинство на заедничка седница на парламентот. Владата на Макрон ја следи втората опција, иако нивото на поддршка за таа мерка во Сенатот е помалку сигурно, отколку во Националното собрание.
Ниту една од најголемите француски парламентарни партии не го доведува во прашање правото на абортус и се очекува мнозинството пратеници во Националното собрание, долниот дом на парламентот, да гласаат за предлогот.
Некои членови на конзервативното мнозинство во Сенатот ја критикуваа формулацијата на предлогот, правејќи го неговото усвојување понеизвесно.
Доколку истата верзија на нацрт-законот заврши со усвојување на двата дома, Макрон ќе свика посебна седница на сите пратеници во обид да добие три петтини гласови.
Видете и ова: Правото на абортус ќе влезе во францускиот уставАбортусот во Франција беше декриминализиран со закон во 1975 година, но во Уставот нема ништо што го гарантира правото на абортус.
Во својот вовед во законот, владата наведува дека правото на абортус е под закана во САД, каде што Врховниот суд во 2022 година ја поништи 50-годишната пресуда со која се гарантира правото на абортус.
„За жал, овој настан не е изолиран: во многу земји, вклучително и во Европа, има струи на мислење кои по секоја цена се обидуваат да ја попречат слободата на жените да ја прекинат бременоста доколку сакаат“, се наведува во воведот на предлогот на францускиот закон.
Во Полска, контроверзното заострување на веќе рестриктивниот закон за абортус доведе до протести во таа земја минатата година. Полскиот уставен суд во 2020 година пресуди дека жените повеќе не можат да ја прекинат бременоста во случаи на тешки фетални деформитети, вклучително и Даунов синдром.