Повеќе од 50 земјотреси до 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погодија Јапонија

Земјотреси во Јапонија

Повеќе од 50 земјотреси со јачина до 7,6 степени според Рихтеровата скала од утрово на 1 јануари ја погодија Јапонија и предизвикаа материјална штета, но засега нема информации за повредени. Првичното предупредување издадено за разорно цунами е повлечено.

Земјотресите почнаа во 7 часот и 10 минути по локално време, а беа со магнитуда од 3,1 до 7,6 степени според Рихтеровата скала.

Земјотреси во Јапонија

Епицентарот на повеќето земјотреси бил во близина на Ното во префектурата Ишикава долж западниот брег на Јапонија.

Најмалку 30 згради досега се урнаа во Ишикава, соопшти локалната противпожарна служба во градот Ваџима.

Претходно, генералниот секретар на јапонскиот кабинет, Јошимаса Хајаши, изјави дека некои згради се урнале и дека голем број луѓе се заробени внатре. Сè уште нема потврдени жртви или повредени, но Хајаши вели дека ситуацијата е уште нејасна.

Земјотреси во Јапонија


Јапонската метеоролошка агенција одржа втора прес-конференција попладнето на 1 јануари, на која предупреди дека се уште постои „многу висок ризик“ од уривање на згради, а силните потреси би можеле да продолжат „во следните два до три дена“.

Официјален претставник на агенцијата ги повика луѓето во крајбрежните области да се евакуираат и им порача на жителите да не ги напуштаат безбедните места.

Видете и ова: Земјотрес од 6,3 степени ја погоди Јапонија

И Русија издаде предупредување за цунами во далечните источни градови Владивосток и Находка, јави државната новинска агенција ТАСС.

Делови од рускиот остров се евакуираат поради закана од цунами, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации. На жителите во областите долж западниот брег на островот Сахалин, кој се наоѓа во близина на Јапонија на рускиот брег на Тихиот Океан, им било кажано да го напуштат, пренесе ТАСС.

Видете и ова: Јапонија моментално без нуклеарна енергија

Јапонија е во Пацифичкиот огнен појас, каде што се одвива силна сеизмичка активност, која се протега низ Југоисточна Азија и Пацифичкиот басен.

Североисточниот брег на Јапонија во 2011 година беше погоден од силен земјотрес со јачина од 9,0 степени според Рихтеровата скала, еден од најголемите регистрирани, кој беше проследен со цунами и ја предизвика нуклеарната катастрофа во Фукушима.

Во оштетувањето на нуклеарната централа загинаа повеќе од 18.000 луѓе, а речиси половина милион луѓе во регионот беа раселени. Повеќе од 40.000 луѓе не можаа да се вратат дома ниту една деценија подоцна.