Чешка ја обвини Русија за жртвите на двете страни во војната во Украина

Пожарникарите гаснат запалени автомобили по гранатирањето во Белгород - фотографија направена од видеото објавено од руското Министерство за вонредни состојби на 30 декември 2023 година.

Во писмото до Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации, чешката дипломатија ја обвини официјална Москва дека е виновна за десетици илјади жртви од двете страни во војната во Украина и повтори дека помошта од Прага за нападната Украина е целосно во согласност со меѓународното право.

„За жал, Русија уште еднаш го искористи СБ за ширење дезинформации и пропаганда за војната. Немаме причина да мислиме дека седницата ќе биде поинаква и затоа Чешка нема да учествува“, се вели во писмото испратено пред седницата одржана вчера, ги пренесува „Бета“ пишувањата на чешките медиуми.

По украинскиот напад на Белгород во саботата, Русија свика итен состанок на Советот за безбедност на ОН и побара чешката делегација да дојде и да објасни зошто, според тврдењата на Кремљ, украинската армија употребила чешко оружје – повеќецевни ракетни фрлачи, за нападите во кои на руската страна загинаа 22 цивили.

„Чешка нема да и служи на пропагандата на агресорот затруена со лаги. Кога Русија ќе сака да го реши, во Советот за безбедност повлекувањето на својата окупаторска армија, ние со задоволство ќе дојдеме“, рече шефот на чешката дипломатија Јан Липевски за барањето на Москва.

Видете и ова: Харкив под руски напади, Русија го обвинува Киев дека „намерно“ цели цивили во Белгород

Во писмото до Советот за безбедност, чешката делегација во ОН вели дека долгорочниот јасен став на Прага е дека Русија мора веднаш да ја прекине војната и да ги повлече своите единици од целата територија на Украина, што е единствениот начин да се постигне траен мир.

„Чешката Република жали за секој изгубен живот во нелегалната и бесмислена агресивна војна што Русија ја води против Украина речиси две години. Само Русија е одговорна за десетици илјади жртви од двете страни на конфликтот“, пишува во писмото до Советот за безбедност на ОН.

Заменик-претставникот на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, пак, ја обвини Чешка за „кукавичлук“.

„Вашиот кукавичлук и простодушност се забележителни. Претпоставувам дека Чешка повеќе нема да учествува на состаноците на Советот за безбедност за Украина“, рече Пољански.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на платформата Телеграм ја обвини чешката дипломатија дека не знае како работи Советот за безбедност на ОН.

Чешка беше меѓу првите земји што и помогнаа на Украина да се одбрани од руските напади со оружје и досега испрати оружје и воена опрема во вредност од 258 милиони евра, додека нејзините фабрики за оружје склучија договор за испораки во износ од околу 4,8 милијарди евра.

И самите граѓани на Чешка испраќаат оружје во Украина. Плаќаат парични придонеси на сметката на украинската амбасада. Популарна е иницијативата „Подарок за Путин“, која од собраните пари успеа, покрај советскиот тенк Т-72 во модернизирана верзија за кој се собраа 1,5 милиони евра, да испрати на украинската армија, меѓу другото, и повеќецевниот ракетен фрлач RM-70.

Рускиот претставник во ОН ја обвини Чешка дека во нападот на Белгород бил користен токму ваков ракетен фрлач.

Во моментов граѓаните собираат пари за борбен хеликоптер кој го именуваа, повторно по херојот на чешките легенди, „Честмир“. Се работи за хеликоптер Сикорски УХ-60 Блек Хок, а досега се собрани третина од потребните пари.