Европската Комисија објави нацрт-документ за ревизија на националните енергетски и климатски планови на земјите членки на ЕУ со кои од нив се бара да ги зголемат своите напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и да утврдат појасни планови за прилагодување на промените на климата, согласно поставените климатски цели на Унијата до 2030 година.
Како што јави МИА, со предлогот за бара од земјите членки најдоцна до 30 јуни следната година да ги подготват и достават до Европската Комисија своите конечни климатски планови.
Во документот, ЕК ги повикува земјите членки „подобро да се подготват“ за поголем опсег на користење на обновливите извори на енергија и да ги подобрат мерките за енергетска ефикасност.
„Потребни се и дополнителни мерки за поттикнување на потрошувачите, подобрување на енергетската безбедност и поддршка на европските компании во зајакнувањето на нивната конкурентност. Ќе бидат потребни поголеми напори за да се обезбеди пристап до достапните извори на финансирање и да се стимулираат клучните инвестиции потребни за зајакнување на конкурентноста на европската индустрија“, се наведува во предлогот.
Видете и ова: Земјите постепено да ги исфрлат фосилните горива бара новиот Нацрт-договор на КОП28Националните енергетски и климатски планови на секоја земја членка на ЕУ претставуваат патоказ што ги утврдуваат напорите за исполнување на законски обврзувачката цел на Унијата за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година за 55 отсто, како и за остварување на енергетските и климатските цели.
Според оценките на Еврокомисијата наведени во текстот, сегашното ниво на активности нема да резултира со остварување на колективната цел за намалување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина за најмалку 55 отсто до 2030 година, туку би резултирале со намалување за најмногу 51 процент.
Видете и ова: Улогата на нуклеарната енергија за постигнување на декарбонизацијаВо документот се нагласува и важноста и итноста од постепено укинување на употребата на фосилните горива во производството на енергија, особено на цврстите фосилни горива, како јагленот и лигнитот. Според ЕК, доделувањето на државни субвенции за фосилните горива, вклучително и за нивниот транспортот, претставува „уште една пречка на патот на ЕУ кон климатска неутралност“.
Во нацрт-документот се вклучени и 21 специфични препораки за одделни земји, како и поединечни проценки за усогласувањето со енергетските и климатските цели, климатска неутралност и прилагодувањето за секоја земја членка.