Изминатите три години, нивото на инвестирање во превенција на ХИВ-инфекцијата постојано опаѓа. Тоа укажува дека имаме уназадување на одговорот на национално ниво и не се справуваме добро со ХИВ инфекцијата, беше истакнато денеска на прес-конференцијата на Платформата за ХИВ што во Скопје се одржа по повод 1 декември - Светскиот ден за борба против СИДА.
Елизабета Божиноска, в.д. директорка на „ХЕРА“ рече дека според проценките во 2021 година во државава живеат околу 500 лица со ХИВ, а дијагностицирани се 70 отсто. Секое трето лице кое живее со ХИВ, не го знае својот статус.
„Ова ни укажува дека нашиот здравствен систем сѐ уште потфрла на некој начин, не успева навреме да ги дијагностицира луѓето кои живеат со ХИВ. Изминатите три години, нивото на инвестирање во превенција постојано опаѓа“, рече Божиноска.
Според неа, трошоците за терапија ја истиснуваат превенцијата.
„Во 2018 година, во оваа програма се предвидени 95 милиони денари за превенција и за терапија кога имало 200 лица кои живеат со ХИВ на терапија. За следната, 2024 година, се предвидени 90 милиони денари, во ситуација кога имаме 430 лица кои живеат со ХИВ. Тоа ни укажува дека буџетот за превенција практично е драстично намален и нема да дозволи опстојување на постојаните, моментални превентивни програми, освен ако нема корекција“, истакна Божиноска.
Според неа, наместо досегашните 45 лица кои на годишно ниво се дијагностицираат кај нас, гби требало како земја да се дијагностицираат 60 или 70 лица.
Според Андреј Сених од Здружението „Заедно посилни“, околу 40 отсто од пациентите кај нас примаат лек чија употреба веќе не се препорачува од Светската здравствена организација.
Платформата за ХИВ, која е сочинета од 14 граѓански организации, бара од Владата да го зголеми буџетот за превенција, тестирање и лекување на ХИВ. Оттаму се надеваат дека буџетот на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за следната година ќе биде зголемен за најмалку 10 милиони денари.