Се зголемува бројот на ХИВ позитивни во земјава

Илустрација, Инфективна клиника

Расте бројот на заразени од ХИВ вирусот во последните две години, според податоците на Инфективната клиника. Откако стивна пандемијата со Ковид 19 се зголемил бројот на тестирања за ХИВ вирусот, па така во овие две години се забележани зголемување на бројот на позитивни на овој вирус па се движи од 40 до 50.

Годинава 46 излегле позитивни на тестирањата и тоа повеќемината се мажи, но за разлика од претходните години кога повеќе од нив биле хомосексуалци, сега преовладуваат хетеросексуалните случаи. Една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болеста, беше соопштено денеска по повод Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје која Инфективната клиника и ХЕРА ќе ја одбележат со кампања „Грижи се за себе“ и со бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември.

Видете и ова: Од ЕУ и СЗО бараат да се зголеми бројот на тестирања за ХИВ

„Проблем е кога пациентот доаѓа со некаква клиничка слика која можеби не е препознаена на почеток, се тестира, се помислува на ХИВ и тогаш го откриваме пациентот дека е во доцна фаза од болеста односно во стадиум на СИДА. Тогаш лекувањето е потешко, понекогаш е потребно и болничко лекување, некогаш пациентите завршуваат на интензивна нега“, рече д-р Велимир Савески од Инфективната клиника.

Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто за тестирањето за сексуално преносливи болести нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка.

„Тестовите се брзи, за 20 минути се добиваат резултати кои значат навремена терапија доколку се открие ХИВ-позитивен статус за да превенираме понатаму пренос на ХИВ и други сексуални инфекции“, рече Матевска.

Во однос на трендот на ХИВ-позитивни во изминативе години, д-р Савески соопшти дека за време на КОВИД-пандемијата имало стагнација или недоволно откриен број на ХИВ-случаи кога и бројот на тестирања бил очекувано намален зашто Инфективната клиника тогаш беше голем КОВИД-центар.