АХВ: Нема салмонела во храната, изворот на заразата дополнително ќе се утврдува

илустрација

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се уредни резултатите од земените мостри од храна и суровини за подготовка на храна од сите училишни кујни во општина Карпош, каде што беа пријавени случаи на сомнежи на труење и беше спроведен вонреден инспекциски надзор.

„Лабораториските резултати од испитаната храна, која е земена од централниот магацин на операторот со храна „Ванила фуд“, кој се наоѓа во ОУ „Димо Хаџи Димов“, се со уреден наод, исто како и мострите од четирите кујни во основните училишта во кои се приготвува храна. Тие се во согласност со правилникот за посебни барања, кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, односно кај нив не е утврдено присуство на бактеријата салмонела“, велат од АХВ.

Видете и ова: Деца заразени со салмонела во училишта во Карпош

Оттаму додаваат дека во две од училишните кујни со кои стопанисува овој оператор со храна земени се мостри само од работните површини за кои резултатите сѐ уште не се добиени бидејќи при надзорот не е затекната подготвена храна.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) пред десеттина дена потврди дека има најмалку девет случаи на деца заразени со салмонела во три основни училишта во скопската општина Карпош.

Во Центарот за јавно здравје Скопје биле пристигнати девет пријави за заразени деца кои посетуваат настава во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“ и „Јан Амос Коменски“.