Европски суд за човекови права: Јанакиески неоправдано бил држен во притвор за два предмета

Миле Јанакиески пред Кривичниот суд во Скопје

На поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите за „27 април“ и за „Шпански скали“, одлучи денеска Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП).

Судот утврдил недостиг од доволни причини на неговото лишување од слобода и недостиг од навремено разгледување на жалбите кои што се поднесувани за притворите.

„Утврдена е повреда на член 5 став 3 поради немање доволно причини за лишување од слобода на жалителот и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на ‘брзо’ преиспитување на лишувањето од слобода на жалителот“, пишува во пресудата на судот во Стразбур.

Видете и ова: Јанкулоска излезе од Идризово

Миле Јанакиески речиси пет години беше во домашен, па во ефективен притвор кој го издржуваше во затворот во Шуто Оризари.

Според пресудата Јанакиески ќе добие и парична отштета.

Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“.

Тој во јули годинава од куќен притвор беше спроведен во затвор откако призна вина за речиси сите дела поврзани со изборни нерегуларности во случајот „Титаник, освен за делото злоупотреба на средствата за финансирање изборна кампања, но подоцна обвинителството се откажа од прогон за ова дело.